СУША ГО ФАТИ НАЈДОБРИОТ СТРЕЛЕЦ ОД СЕРИЈА А И КОПА АМЕРИКА – НА ИНТЕР МУ ФАЛАТ ГОЛОВИТЕ НА ЛАУТАРО
Објавено на: 24.09.2024
Лаутаро Мартинес имаше одлична шампионска сезона во дресот на Интер, постигнувајќи 24 лигашки гола на 33 меча со што ја освои и Златната копачка во Калчото. Формата ја пренесе и на Копа Америка, каде беше меѓу најзаслужните во составот на Аргентина за одбраната на титулата.
Сепак, оваа сезона капитенот на Нероаѕурите е далеку од претпознатливата форма. На последните 17 меча, броејќи ги и дуелите од минатата сезона, Мартинес има постигнато само еден гол за Интер.
Џенова и Милан во два навати, Болоња, Лацио, Наполи, Атлетико Мадрид, Торино, Сасуоло, Монца и Манчестер сити се меѓу екипите на кои Лаутаро не успеа да им ја затресе мрежата.
Јасно е дека краткиот период за одмор пред почетокот на оваа сезона е фактор што Лаутаро не може во целост да помогне на екипата на Инзаги, но потребно е да се разбуди што е можно поскоро за актуелниот шампион на Италија да делува моќен како и во ланската сезона.