Кошарка

ЛЕЈКЕРСИ ЈА ВРАЌААТ УСЛУГАТА? СЕ КРОИ ПЛАН ЗА ТРЕЈД ВО КОЈ ЛЕБРОН МОЖЕ ДА ЗАВРШИ ВО ДАЛАС

Во фервруари годинава НБА го доживеа еден од најголемите трејдови во поновата историја, со преселбата на Лука Дончиќ во редовите на ЛА лејкерс. Далас во размената го доби Ентони Дејвис, но во очите на јавноста Маверикс како да беа изиграни што се откажаа од Словенецот кој беше лицето на франшизата.

Езерџиите ја добија ѕвездата околу која веќе градат тим со шампионски амбиции, додека во Далас се собраа ветерани како Томпсон, Ирвинг и Дејвис кои имаат здравствени проблеми и со себе носат стари повреди поради кои често пропуштаат натпревари. Сега може да им се приклучи уште еден ветеран, во видот на Леброн Џејмс, кој пак физички е максимално подговтен уште да игра на највисоко ниво, иако има 40 години.

Повеќе американски медиуми деновиве ја шират шпекулацијата дека се подготвува нов мега-трејд меѓу Лејкерси и Далас, во кој треба да се приклучи и Јута џез. Вака отприлика треба да се оствари размената:

Леброн Џејмс во Далас во замена за Кајл Андерсон, Даниел Гафорд, Наџи Маршал, Клеј Томпсон, Пи Џеј Вашингтон, како и прв пик од 2029 година. Јута ќе добие два пика од втората рунда од предвидените драфтови во 2030 и 2032 година, како и Џаред Вандербилт.

Дали ова значи дека Езерџиите на некој начин им се оддолжуваат на Далас за Дончиќ, или пак имаат други пресметки и веќе подготвуваат ангажман на голема ѕвезда со која ќе го заменат Џејмс, ќе се знае во текот на летото.