КОЈ Е ШАМПИОН ДОКОЛКУ ИНТЕР И НАПОЛИ ЗАВРШАТ СО ИСТ БРОЈ НА БОДОВИ?
Објавено на: 20.04.2025
Болоња и Интер ја направија трката за титулата во Италија уште поинтересна, бидејќи нероаѕурите ќе останат со ист број на бодови по завршување на ова коло со нивниот ривал од југот на Италија.
Но во Италија, за разлика од другите земји каде што се гледа меѓусебниот дуел или гол разликата првично, случајот за одлучување на шампионот кога два тима имаат ист број на бодови е поразличен.
Па така, доколку по 38 коло Интер и Наполи имаат ист број на бодови, сценарио кое е многу веројатно бидејќи има уште 5 кола до крајот, титулата ја одлучува мајсторка. Зошто е тоа така? Интер и Наполи одиграа два пати нерешено оваа сезона, што значи дека нема победник во меѓусебен дуел, нешто што прво се зема предвид при ист број на бодови. Но следниот одлучувачки фактор сепак не е гол разликата, која очигледно ќе им припадне на нероаѕурите, туку мајсторка, 90 минути за титула.
Каде ќе се игра? Ќе се игра на терен кој ќе го одлучи тимот со подобра гол разлика, во случајот тоа е Интер и веројатно така и ќе остане до крајот на сезоната. Доколку и по тие 90 минути е нерешено, тогаш не се играа продолженија, туку директно се оди на пенал рулет.
Кој навива за вакво сценарио? Ние сигурно ДА!