Фудбал

ЈУВЕНТУС И ИНТЕР ВО ЈАНУАРСКА РАЗМЕНА?

Италијанската фудбалска јавност повторно на нозе, се најавува голема размена во јануарскиот преоден рок на релација Милано – Торино.

Според медиумите од Апенините, бјанконерите внимателно ја следат ситуацијата на 26-годишниот Фратези, кој и оваа сезона не добива доволно минути во тимот на Интер. Под водство на тренерот Кристијан Киву, Фратези не успеа да се наметне како стандарден првотимец, иако уште пред почетокот на сезоната се зборуваше дека ќе биде еден од клучните играчи во стартните 11. Неговиот квалитет не е спорен, но силната конкуренција во средниот ред резултираше со ограничена улога, што отвори простор за шпекулации околу неговата иднина уште во јануарскиот преоден рок, нешто што се заговараше и претходниот јануари, но тогаш нероаѕурите го задржаа Фратези кој беше силно поврзуван со неговиот „матичен“ клуб Рома.

Наводно, фудбалерот не е задоволен од статусот и сака поголема минутажа, нешто што Јувентус би можел да му го понуди. Во Фратези, Јувентус гледа профил на играч што може да донесе енергија, динамика и офанзивен импулс од втор план. Клубот бара засилувања во средниот ред, а Италијанецот совршено се вклопува во визијата за подмладување и стабилизација на тимот.

Контактите засега се неофицијални, но интересот е реален и сериозен, особено ако Интер покаже подготвеност за преговори во текот на зимскиот преоден рок.

Нероаѕурите сепак не планираат лесно да се откажат од својот „талисман“, а клубот за негово заминување бара 35 милиони евра најмалку, што може да биде клучна пречка за реализација на трансферот, особено кога станува збор за директен ривал во Серија А.

Сепак, доколку Фратези инсистира на заминување, Интер би можел да биде принуден да размисли на сценарио во кое во Милано ќе го донесе братот на Маркус Турам во црно-синиот дрес. Кефрен Турам уште пред да премине во Торино беше на мета на Бепе Марота, но бјанконерите побрзо ја завршија работата од нероаѕурите.

Италијанските медиуми најавуваат дека Интер не планира за „сув кеш“ да го продаде Фратези во директен ривал и поради тоа опцијата Турам-Фратези станува се пореална опција доколку Италијанецот инсистира на заминување од Сан Сиро.