МИЛАН И ЧЕЛСИ ПОДГОТВУВААТ СЕНЗАЦИОНАЛНА ЛЕТНА ТРАМПА?
Објавено на: 11.02.2025
Потребни му беа само два настапи на Жоао Феликс во дресот на Милан за да се заљуби во клубот и градот. Португалскиот офанзивец само две недели е дел од екипата на Росонерите, а веќе изрази желба да остане во Милано и по крајот од сезоната, односно позајмицата да се претвори во перманентен трансфер.
За клубот да му ја исполни желбата на Жоао, ќе треба да се откаже од другиот португалски ас кој веќе подолго време игра во црвено-црниот дрес.
Имено, неколку италијански медиуми најавуваат сензационална летна трампа меѓу Милан и Челси, во која Феликс би останал на „Сан Сиро“, а Сините да доплатат одредена сума за да ги добијат услугите на Рафаел Леао.
Токму Леао би донел квалитет на левата крилна позиција во Челси, откако лондонскиот клуб остана со само една опција на таа позиција со Џејдон Санчо, додека Михајло Мудрик е суспендиран додека трае истрагата околу користење на допинг од страна на украинскиот интернационалец.
Според шпекулациите, Феликс плус 30 милиони евра во пакет би била понудата која би ги задоволила апетитите на Милан за оваа трампа да се реализира.