Фудбал

БЕЗ ГОЛЕМО ДЕРБИ НА СТАРТОТ ОД НОВАТА СЕЗОНА ВО КАЛЧОТО – ШАМПИОНОТ ТРГНУВА СО НЕЗГОДНО ГОСТУВАЊЕ ВО ОДБРАНА НА ТИТУЛАТА

Потврден е распоредот за новата сезона во Серија А, која почнува на 17 август, а Интер е бранител на титулата. Италијанците не нѐ почастија со големо дерби во првото коло, но веќе во третото коло ќе има три возбудливи натпревари меѓу екипите кои ќе се борат за врвот.

Нероаѕурите ја почнуваат одбраната на титулата со незгодно гостување кај Џеноа, Милан ќе го пречека Торино на „Сан Сиро“, додека Јувентус ќе биде домаќин на новиот прволигаш Комо.

Веќе во третото коло ќе се гледаат три големи дербија и тоа: Интер – Аталанта, Лацио – Милан и Јувентус – Рома. Првото миланско дерби меѓу Интер и Милан е предвидено да се одигра во петтото коло, додека тимот на Симоне Инзаги во деветтото коло ќе биде домаќин на Јувентус во големото дерби.