Фудбал

КЛАУЗУЛА КАКВА ШТО МОЖЕ ДА СМИСЛИ САМО БАЕРН: КЕЈН ИМА ОПЦИЈА ДА СЕ ВРАТИ НА ОСТРОВОТ

Ако се предвидува според стартот на сезоната, Хари Кејн може да ја одигра најдобрата сезона во неговата кариера. Англискиот голгетер има фантастичен старт со дури 13 погодоци и 3 асистенции на само 7 меча во сите натпреварувања.

Минатата недела во дербито против Челси во премиерното коло во ЛШ, Кејн стана првиот фудбалер во Европа со 10 гола сезонава во сите натпреварувања, што е фасцинантно ако се земе во предвид дека уште е септември месец и допрва има фудбал за играње. Темпото на тресење мрежи му е неприкосновено, Хари може и да нема конкуренција за европската Златна копачка доколку продолжи да решета во негов стил.

Иако на 32 години е во својот зенит, се чини дека Кејн не планира да застане во скоро време, а токму на тоа мислела управата на Баерн Минхен кога пред две лета ја откупи англиската гол-машина од редовите на Тотенхем. Имено, Кејн може да си замине следното лето за сума од 57 милиони фунти, но само доколку фудбалерот изрази желба да го напушти клубот и го соопшти тоа пред крајот на зимскиот преоден рок од актуелната сезона.

Значи, Кејн може да се врати во Премиер лигата само доколку во јануари каже „сакам да си одам“, за управата да има доволно време да пронајде негова адекватна и долгорочна замена. Како стојат работите, Кејн наскоро нема да се врати во Англија, ниту ќе им каже на Баварците дека не е среќен и дека сака да си оди, така што титулите и рекордите во Премиер лигата кои ги „бркаше“ со Тотенхем, ќе му останат само во мислите.