ФУДБАЛОТ НА РАБОТ НА ВОЈНА: АНГЛИЈА И УЕФА СЕ ЗАКАНУВААТ СО БОЈКОТ НА СП
Објавено на: 30.07.2026
Односите меѓу ФИФА и европскиот фудбал влегуваат во најсериозната криза во последните години, откако Англиската фудбалска асоцијација јавно изрази сериозна загриженост за новиот проект на претседателот Џани Инфантино, а УЕФА свика итен состанок на сите 55 членки.
Во центарот на спорот е планот на Инфантино да продаде малцински удел во нова компанија која би управувала со комерцијалните права на Светските првенства и другите натпреварувања на ФИФА.
Според британските медиуми, националните сојузи имаат рок до 19 септември да се изјаснат за предлогот. Оние што ќе го поддржат би можеле да добијат финансиски пакет до 40 милиони долари, додека останатите би добиле значително помали средства.
Англиската фудбалска асоцијација соопшти дека воопшто не била консултирана пред информациите да станат јавни и дека е „длабоко загрижена“ поради недостатокот на транспарентност. Сличен став зазедоа и фудбалските сојузи на Велс и Ирска.
Во меѓувреме, УЕФА закажа итен виртуелен состанок, а според Гардијан, меѓу опциите што се разгледуваат е и бојкот на идните натпреварувања на ФИФА, иако засега не е донесена никаква официјална одлука.
ФИФА тврди дека новата компанија би обезбедила милијарди долари за развој на фудбалот низ целиот свет, додека критичарите предупредуваат дека со влегувањето на приватен капитал ќе се зголеми притисокот за уште повеќе натпревари, комерцијални активности и приходи.
Инфантино ги отфрли обвинувањата дека ги уценува националните сојузи.
Ова не е обврска, туку златна можност. Тоа е дел од демократски процес и шанса да се забрза развојот на светскиот фудбал.
Сепак, тензиите меѓу ФИФА и европските сојузи продолжуваат да растат, а за првпат сериозно се зборува за можност од бојкот на натпреварувањата под капата на светската куќа на фудбалот.