Фудбал

ФУДБАЛОТ НЕ БИЛ „ПРВАТА ЉУБОВ“ НА УЛТРАТАЛЕНТОТ НА РИВЕР

На Франко Мастантуоно, 17-годишниот креативен офанзивец по кој се залета пола фудбалска Европа, му се предвидува блескава кариера, но малку познат факт е дека фудбалот не му бил „првата спортска љубов“.

Имено, до свои 12 години, Мастантуоно тренирал тенис и бил меѓу петте најдобри играчи во Аргентина на негова возраст. Сепак, од непознати причини рекетот го заменил за копачки и фудбалска топка, по што набрзо го открил својот талент и само три години подоцна неговиот потенцијал почнал да се истакнува, настапувајќи за У20 националниот тим на Аргентина на само 15 години.

На 16 години дебитираше за сениорскиот тим на Ривер плата, а сега веќе е барана „роба“ со постојаните брилијантни партии и неговата последна мајсторија од изминатиот викенд против лутиот ривал Бока јуниорс, против кого постигна велемајсторски погодок од слободен удар.

Наводно ПСЖ е во напредни преговори да го ангажира во летниот преоден рок, а уште многу други европски гиганти како Манчестер јунајтед се обидуваат да ги добијат квалитетите на Мастантуоно. За помалку од една година цената на трансфер пазарот му порасна трикратно, сега вреди 15 милиони евра, но Ривер не би требало да го пушти за помалку од 50 милиони евра, колку што изнесува клаузулата во договорот на младиот Франко.