ФИФА ОБЈАСНИ ЗОШТО БЕШЕ ПОНИШТЕН ГОЛОТ НА ХРВАТСКА
Објавено на: 03.07.2026
Контроверзниот поништен гол на Хрватска против Португалија и понатаму е една од главните теми по осминафиналниот дуел на Светското првенство, а сега се огласи и ФИФА со објаснување за донесената одлука.
Во 103. минута Јошко Гвардиол ја затресе мрежата, но по долга ВАР-проверка погодокот беше поништен поради офсајд.
Причината лежи во детал што речиси и не можеше да се забележи со голо око. Според ФИФА, технологијата вградена во официјалната топка на Светското првенство регистрирала дека Игор Матановиќ остварил минимален контакт со топката непосредно пред таа да стигне до Марио Пашалиќ, кој во тој момент се наоѓал во недозволена позиција.
Според податоците добиени од Connected Ball Technology, вградена во официјалната топка adidas Trionda, потврдено е дека хрватскиот репрезентативец Игор Матановиќ остварил контакт со топката во почетокот на акцијата против Португалија. Благодарение на тоа, судијата правилно досуди офсајд и го поништи погодокот.
Станува збор за систем кој користи инерциски сензори вградени во топката и може да регистрира дури и најмал допир. Податоците во реално време се испраќаат до ВАР-собата, каде што се комбинираат со полуавтоматската технологија за офсајд.
This is a wild new feature- the chip in the ball graph that shows when it gets touched. the NBA is gona have this asap pic.twitter.com/3fSixXuhob
— PFT Commenter (@PFTCommenter) July 3, 2026
Токму тој речиси незабележлив контакт бил доволен да се смета дека започнала нова фаза од акцијата, а бидејќи Пашалиќ тогаш бил во офсајд, голот на Гвардиол бил поништен.
Одлуката предизвика бројни реакции кај хрватската јавност, бидејќи на телевизиските снимки речиси е невозможно јасно да се забележи допирот на Матановиќ. Сепак, ФИФА тврди дека технологијата недвосмислено го потврдила контактот и дека судиската одлука била целосно исправна.