ДУДА ИВКОВИЌ И СЛАВНИОТ ТАЈМ-АУТ ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА
Објавено на: 16.09.2021
Беше еден од најголемите, во легендите заминува како еден од најуспешните. Душан Дуда Ивковиќ почина во Белград на 77-годишна возраст, од проблеми со градите и херпес. Зад себе остави наследство, кое е непроценливо богатство за кошарката.

Беше тоа крајот на летото 2013-то, веднаш по нашата „Пепелашка“ во Литванија на претходниот Еуробаскет каде завршивме четврти и каде за влакно ни избега медал. Во Јесенице, немавме ист таков моментум, но покажавме дека вредиме, односно дека тогаш кошаркарски вредевме.

Игравме за првпат со Србија, загубиме се живо претходно и потоа, но тој еден единствен натпревар против големиот фаворит ја покажа сета наша кошаркарска магија, која ја имаше во себе генерацијата на „македонските литванци“.

Водиме 20 разлика, Дуда селектор на Србија, повикува тајм-аут, не забележува дека микрофонот од преносот му е над главата. Олд-скул тренер, можеби не ни знаеше дека го смнимаат, затоа што се концентрираше само на кошарката.
Па добро, мајката ваша, зошто не го чувате Антиќ? И зошто одите преку него во напад? Зошто одите кај него, тој е најдобриот дефанзивец во Европа, мислите ли дека случајно го земав кај мене во Олимпијакос? Што ви е, бре, се договаравме ли да не одиме преку Антиќ?
Тие зборови на Дуда само ги илустрираат неговата искреност, неговото знаење и неговата личност, човек кој освен што ги учеше на кошарка, кошаркарите ги подготвуваше и за животот, за време и по кошарката, со него или без него.
Јас сум виновен што Македонија не надигра, Македонија апсолутно ја заслужи победата. Тие се искусна екипа, ние сме млад тим кој не беше подготвен за овој натпревар. Одговорноста е моја. – рече Дуда по натпреварот.
Душан Ивковиќ беше избран во најголемите контрибутори на Евролигата, меѓу кои е избран и Петар Наумоски. Дуда беше голем пријател со Лазо Лечиќ, Књазев, Буштур и многу други наши ѕвезди. Често знаеше да каже позитивни нешта за нас, знаејќи дека неговите пријатели го слушаат, почитувајќи ја земјата каде еден таков великан има многу „блиски“ од кошарката, но и воопшто од спортот.

Шампион на Југославија, на Грција, на Русија, на Евролига, на Улеб Куп, освојуваше трофеи секаде каде што беше тренер, беше биран за стратег на годината, за легенда на Евролига, шампион на Европа и на светот со сите Југославии…
Вечна ти слава голем тренеру, чие име значи кошарка…


