Фудбал

СЕ РАЗДЕЛУВААТ ЕВРОПСКИОТ ШАМПИОН И БЕЛГИСКИОТ ВОЛШЕБНИК?

Пред Манчестер сити и Кевин Де Брујне е клучен период во кој двете страни треба да одлучат околу иднината на белгискиот маестро.

Најдобриот играч на актуелниот европски првак, по крајот на оваа сезона ќе влезе во последната година од договорот и засега останува непознато дали ќе добие продолжување на истиот, или пак веќе во јули ќе ја менува средината, речиси една деценија откако пристигна на „Етихад“.

Минатото лето Де Брујне одби прилика да заигра во Саудиска Арабија, но ѕвездата на Сити сега повторно е приоритет на саудиските клубови кои се подготвени да потршат цели богатства за потписот на Де Брујне. Саудијците најавија нов атак по Де Брујне, а тој не ја исклучува можноста да прифати преселба на Блискиот Исток.

Што се однесува до Пеп Гвардиола, тој би сакал Де Брујне да ја заврши кариерата токму во Сити, односно клубот да му го продолжи договорот до неговото пензионирање.

„Дали Кевин ќе остане во клубот е прашање на кое само тој самиот може да одговори. Јас лично би сакал да остане до крајот на неговата кариера. Слушнав некои шпекулации, не знам колку се вистинити, ниту пак знам дали Саудијците навистина сакаат да го откупат“, истакна Гвардиола.

До летото 2025 Кевин ќе има полни 34 години, а Сити моментално го следи примерот на Реал Мадрид и со многу внимание влегува во преговори со играчи кои се постари од 30 години. Дали тоа чекање ќе пресуди за Де Брујне да си замине од Островот, останува да се види.