ДАЛИ (ПОТЕНЦИЈАЛНО БАНКРОТИРАНАТА) БАРСЕЛОНА Е НАЈГОЛЕМИОТ КЛУБ НА СИТЕ ВРЕМИЊА?
Објавено на: 07.07.2022
Во современото време многу лесно се лепат етикети, кои исто толку лесно се одлепуваат и тоа многу брзо. Во ерата на брз проток на информациите многу лесно се додава епитетот „најдобар на сите времиња“, а по година-две-три исто толку брзо се заборава на тој и се претставува нов најдобар во историјата. Ова и се случува на „големата“ Барселона, која ја загуби славата многу побрзо отколку што ја стекна. Кои се фактите во подемот и падот на каталонската гордост?
Обземени од идејата да се отцепат од Шпанија и од големината на фудбалот кој претставува масовна хипноза, фудбалскиот клуб Барселона е каталонска креација која е многу повеќе од клуб и многу повеќе од спорт. Барселона е уникатен пример на клупски успех во фудбалот, кошарката и ракометот, под едно исто име. Проблемот лежи во начинот на менаџирањето на основниот спортски колектив, фудбалскиот: Барса сака да биде Реал, но никогаш нема да успее.

Барселона е првиот шампион на Шпанија, но многу брзо Реал Мадрид го презема приматот во шпанскиот, а потоа и во европскиот фудбал. Кралевите имаат тројно повеќе титули во ЛШ (14:5) и низ годините се многу поконстантни во шпанскиот (35:26) и европскиот фудбал.
Барса чекаше на првата титула во ЛШ до 1992-та година, која ја освои со сомнителен фаул кога му беше подарен „пенал“ на Роналд Куман во финалето против Сампдорија. Потоа се чекаше до 2006-та година и спорниот црвен на голманот Јенс Леман од Арсенал. Спорни се и елиминациските натпревари против Милан, Челси и други екипи, кога со огромна помош и ветар во грбот, Барселона доаѓаше до титулите. Единствено Интер со Мурињо, покрај Баварците, успеа да одолее на машинеријата што ја туркаше славната Барса.

Генерацијата предводена од виртуозот Лео Меси созреа во средината на втората деценија од овој век, палејќи се пред себе, но мора да се напомене – во услови кога ниту еден друг тим немаше генерација. Првата што се појави, го здроби тимот на Барса – Баерн Минхен на Јуп Хајнкес (4:0, 0:3) во сезоната 2012/13.
Искрено, да загубиш 2:8 во едно полуфинале во Лигата на шампионите од Баерн, да те елиминира Рома со 3:0, да те преслуша Ливерпул со 4:0, да те тепа Жозе со играч помалку и ниеден шут на твојот гол, а се џилитиш дека си најдобар на сите времиња, е еднакво на избеган пациент од Аркам во украдена „униформа“ на Бетмен. Нема ниту смисла, ниту поткрепа.
Меси е уникатен и раритетен фудбалски виртуоз и само тоа, затоа што никогаш не може да биде поставен погоре од Марадона, Пеле, Зидан, Кројф, Бекенбауер и другите вистински лидери на тимовите и репрезентациите. Па дури ни над Кристијано Роналдо. Ги нема Чави и Иниеста, го нема Лео. Го нема Пујол, го нема Лео. Фудбалот е многу повеќе од многу голови на мечевите против Осасуна и Овиедо.

Но, никогаш не може да се спореди Барселона со генерацијата на Ди Стефано во Реал Мадрид или со тројните титули во ЛШ на новиот Реал Мадрид, а некогаш на Ајакс и на Баерн Минхен, потоа последователните на Бенфика, Интер, Милан, Ливерпул и други достигнувања.
Најпопуларниот светски магазин, Форбс ја анализира инстант историјата на каталонскиот фудбалски клуб наведувајќи ги основните причини за деклинацијата:
- Ароганција која произлегува од (инстант) успехот
- Недисциплинирана потрага по повеќе
- Негирање на ризикот и опасноста
- Очајно барање на спас од гревовите
- Капитулација пред игнорирањето на смртта
Ниту една династија или доминантна сила на овој свет, не останала вечна. Некои си заминувале порано, други подоцна. Умереноста во постоењето и константноста во животот се далеку поважни од моменталната или од потрагата по одложена перфекција. Негирањето на историјата, е уште еден самоуништувачки правец.

Поттик за оваа анализа е одговорот на Баерн Минхен, кој не сака да слушне за исплата на договорот на Левандовски на рати, затоа што германскиот клуб предвидува дека Барселона за 2-3 години нема да постои, односно ќе банкротира. А, Германците, не грешат никогаш, тоа го знаеме сите.
Каде е денес таа славна академија Ла Масиа, која произведува фудбалери? „Еден“ Ајакс има поголем извоз, „еден“ Балкан создава поквалитетни фудбалери со години, море со децении. Не е се така „розово“, како што е претставено во медиумите, нели?