БУФОН ИЗНЕНАДИ: ТОЈ БЕШЕ МОЈОТ НАЈДОБАР РИВАЛ, ЗАСЛУЖИ 5 ЗЛАТНИ ТОПКИ
Објавено на: 19.11.2024
Италијанската легенда Џанлуиџи Буфон, во интервју за „Кориере дело спорт“, го одбра фудбалерот кој според него беше најдобар играч против кого се сретнал на терените, и во најмала рака кажано Џиџи изненади со изборот ако се знае дека бранел против голем број на великани во текот на неговата речиси тридецениска кариера.
Прво не сакаше да издвои само еден играч, па почна да ги набројува Меси, Кристијано Роналдо, Зидан, Роналдо Назарио, Иниеста… Но, на инсистирање на новинарот, мораше да каже едно име, па Буфон го одбра екссоиграчот од ПСЖ, Нејмар.
„Нејмар, дефинитивно беше најдобар. Според мене, заслужи да освои 5 Златни топки“, одговори популарниот Џиџи.
Можеби не 5, но Нејмар заслужи барем една таква престижна награда, но за жал неговиот бурен живот, честите повреди, но и фактот што голем дел од кариерата играше во ерата на Меси и Кристијано, го оставија рекордерот на Кариоките без најголемото фудбалско признание.