БРУНО ВЕЌЕ Е „БИВШИ“?
Објавено на: 08.10.2025
Повеќе медиуми вчеравечер излегоа со тврдења дека Манчестер јунајтед ќе се ослободи од Бруно Фернандес во зимскиот или во следниот летен преоден рок. Наводно повторно пристигнала понуда од Саудиска Арабија, поточно од Ал-Хилал, и тоа вредна 100 милиони фунти за 31-годишниот играч за врска, сума која најмногу поради неговите години не може да се одбие.
Капитенот на Црвените ѓаволи можеше да се пресели на Блискиот Исток уште изминатово лето, меѓутоа одби поради што беше убеден дека е потребен на тимот и е клучен играч за Рубен Аморим, но се чини дека работите драстично се променија. Фернандес сезонава не е на потребното ниво, најмногу поради што не се вклопува на позицијата на која игра во формацијата на португалскиот стратег.
Воедно, сумата која Јунајтед ќе ја добие од продажбата на својот капитен ќе може да се искористи за финансирање на посакуваните трансфери на Карлос Балеба од Брајтон и Елиот Андредсон од Нотингем форест.
Доколку информациите се точни, веќе може да се одбројуваат деновите на Бруно на „Олд трафорд“, човекот кој изминативе години беше единствената светла точка во клубот.