Фудбал

БРАЈТОН ЗА ЧЕЛСИ Е ШВЕДСКА МАСА, А СИНИТЕ СЕ РУДНИК БЕЗ ДНО ЗА ГАЛЕБИТЕ

Жоао Педро е пред трансфер во Челси, правејќи го четврти фудбалер на Брајтон кој се сели на „Стемфорд бриџ“ во изминативе три години. Галебите повторно тријат раце од продажба на фудбалер во редовите на гигантот од Лондон, откако од летото 2022 досега истиот чекор го направија Моисес Каиседо, Роберт Санчес и Марк Кукуреља.

Трансферот на 23-годишниот бразилски офанзивец ќе достигне сума од 60 милиони фунти вклучувајќи ги и бонусите, па вкупната заработка на Брајтон од продажба на играчи во Челси ќе достигне 263 милиони фунти само во последниве три години.

Кукуреља во летото 2022 потпиша за 63 милиони фунти, додека една година подоцна Санчес пристигна во Лондон за 25 милиони фунти, а веднаш по него и Каиседо за 115 милиони фунти, што претставуваше второ најскапо засилување во Премиер лигата.

Од само четворица играчи Брајтон ја наполни касата, што само ја потврдува одличната работа на скаутите од таборот на Галебите, кои продолжуваат со трендот да купуваат перспективни фудбалери за евтино и подоцна да ги продаваат на побогатите клубови за многу повисока цена.