Фудбал

БОЕЛИ ГО НАПРАВИ ЧЕЛСИ САМО УШТЕ ЕДЕН БОГАТ КЛУБ ВО НИЗАТА

Кога дојде Роман Абрамович на чело на клубот со надимак „лондонските сини“, никој не веруваше дека од резултатски потпросечниот клуб од најбогатиот лондонски кварт, ќе создаде империја за толку кратко време. Рускиот тајкун трошеше пари, но не ги фрлаше. За таа цел најми одличен тим околу себе, за да не испадне луд во очите на јавноста. Кој не го гледал документарниот филм „Blue revolution“, треба да го изгледа за да сфати каква беше позадината.

Точно е дека Абрамович трошеше милиони, но во тој момент Челси немаше ништо и само така, со силна ударна каписла, можеше да се направат стратегија, инфраструктура и екипа, кои ќе се носат со базата, резултатите и традицијата на другите големи англиски екипи (Јунајтед, Арсенал, Ливерпул…). Му успеа уште во првата сезона, затоа што веднаш освои титула во Премиерлигата, односно две во трите години во првата ера на Мурињо.

Едно е круцијално за споменатата стратегија – Роман Абрамович не купуваше извикани и ѕвездени играчи (освен спорадични примери како Шевченко, кој му беше повеќе за имиџ отколку за резултат), туку едноставно мораше да ги преплаќа оние кои Мурињо мислеше дека му требаат за да го состави мозаикот од просечни анонимуси, кои потоа под палката на португалскиот стратег станаа мегаѕвезди (читај Лампард, Тери, Дрогба, Макелеле …).

Овој тренд продолжи и беше многу сличен на моделот на Венгер (кој никогаш не проработе во неговото време, туку сега во времето на Артета), односно дијаметрално поразличен од начинот на кој функционираа(т) Манчестер Сити или ПСЖ, на пример, кои одземаат и купуваа(т) ѕвезди и проверени, односно докажани играчи. Ацпиликуета и Канте се доказ! Потоа, во последните 4-5 години и Челси плаќаше 50-ки и 100-ки за просечни играчи (читај Хаверц), но само затоа што веќе нема(ше) евтини фудбалери на пазарот.

Кога дојде до смена на кормилото на Челси, новиот американски газда Тод Боели, со неговите милијарди расипа се. Во сезоната 2022/23, неверојатната фискална сметка изразена во американски банкноти, е следна:

Челси: $666.7M
Ла Лига: $608.9M
Бундеслига: $604.1M

Ја расипа ли мантрата на Челси, новиот сопственик?