Фудбал

СУСПЕНЗИЈА ОД 12 МЕСЕЦИ МУ СЕ ЗАКАНУВА НА ИГРАЧ НА ТОТЕНХЕМ ЗА НАВРЕДЛИВА ИЗЈАВА

Родриго Бентанкур, играчот на Тотенхем, се најде во незавидна ситуација откако употреби навредливи зборови на расна основа при изјава за уругвајската телевизија.

На прашање во врска со неговиот соиграч од Јужна Кореја, Сон Хеунг-мин, истакна дека сите играчи на јужнокорејската репрезентација наликуваат еден на друг, со што ги прекрши правилата на англиската ФА за медиумско однесување.

„Фудбалерот на Тотенхем, Родриго Бентанкур, е обвинет поради прекршување на Е3 правилото на Фудбалската Федерација поради недолично однесување при давање изјава за медиум. Неговата изјава претставува тешка навреда која е дефинирана според правилото Е3. Федерацијата посебно внимава на директно или имплицирано коментирање врз национална, верска, расна или етичка основа“, пишува во соопштението на ФА.

Бентанкур на 19 септември ќе мора да биде присутен на сослушување, а доколку се докаже дека неговата намера била навредлива, може да добие суспензија од цели 12 месеци.