SВЕЗДАТА НА БАРСА НАЈАВУВА ШТРАЈК АКО ВО ИДНИНА НЕ СЕ СМЕНАТ РАБОТИТЕ СО ГУСТИОТ РАСПОРЕД
Објавено на: 19.09.2024
Жил Кунде, дефанзивецот на Барселона, е следниот во низата фудбалери кои се пожалија што сезонава имаат уште погуст распоред и играат натпревари на секои три дена.
Де Брујне, Родри и Силва од Манчестер сити први кренаа глас во изминативе денови, па добија поддршка од многу колеги, додека Кунде најавува дека можно е фудбалерите низ Европа, особено оние кои се дел од екипи кои настапуваат во континенталните натпреварувања, да одат на штрајк.
„Се согласувам со Родри и останатите. Веќе неколку години само ни додаваат натпревари и речиси да немаме време за одмор. Никој ништо не нѐ прашува, не ни обрнуваат внимание на она што го збориме, а сепак ние фудбалерите сме тие кои најмногу трпат последици. Ќе дојде време кога ќе мора да штрајкуваме, бидејќи тоа би бил единствен начин за да нѐ слушнат и да ни излезат во пресрет“, вели Кунде.
Каталонците играа во неделата, па вечерва ги чека дуел против Монако, а потоа повторно во недела гостуваат кај Виљареал, за веќе идната среда да го пречекаат тимот на Хетафе на домашен терен. Четири меча за десетина дена, навистина е лудо.