Фудбал

САМО МЕСИ Е ПОДОБАР ОД МЕНЕ, А РОНАЛДО ИМА ПОУСПЕШНА КАРИЕРА

Еден Азар пред четири месеци ја заврши професионалната фудбалска кариера, на само 32 години. Еден од најдобрите белгиски фудбалери на сите времиња, ако не и најдобар, во ексклузивно интервју за „Л’екип“ говореше за неговата кариера и зошто заврши толку рано, како и за тоа од кои ѕвезди смета дека бил поталентиран фудбалер.

„Според квалитет и талент, само Меси е подобар играч од мене. Лео е вистински кошмар за дефанзивците, ниту можеш да му ја земеш топката, ниту да го следиш во која насока ќе се движи и кога ќе го забрза темпото. Тој дефинитивно е најдобар фудбалер на сите времиња. Што се однесува до Кристијано Роналдо, тој има само поуспешна кариера од мене, подобар учинок и повеќе трофеи. Но, кога зборуваме за чист талент, јас сум подобар од Кристијано. Нејмар е блиску до мене“, истакна Азар.

На прашањето дали би му траела кариерата подолго време доколку го живеел стилот на Роналдо, како и неговата посветеност, Азар истакна дека никогаш не сакал толку да се вложувал, бидејќи сакал да ужива во животот исто како што уживал со топката на терен.

„Не, бидејќи тоа не сум јас. Сакав после натпревар да испијам пиво или две, понекогаш и да јадам хамбургер, но секако не претерував како што се зборуваше во јавноста. За мене фудбалот не беше нешто во кое морам по секоја цена да се вложувам и да пазам на сѐ, уживав на теренот и целта ми беше да ги возбудувам гледачите“, додаде белгискиот маестро.

Зенитот на кариерата требаше да го доживее во Реал Мадрид, меѓутоа повредите му ја „убија“ желбата да продолжи понатаму. Азар најдобрите партии секако ги пружи играјќи за Челси, каде во Премиер лигата остана запаметен како еден од најдобрите во историјата.