Фудбал

АРТЕТА ГО НАЈАВИ „БУМ“ ТРАНСФЕРОТ: СÈ ПОВЕЌЕ СЕ ЗБОРУВА ЗА ВИНИСИУС

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, ги подгреа шпекулациите за голем летен трансфер, најавувајќи дека клубот ќе биде многу активен во наредните недели.

По убедливата победа од 4:1 над Џирона во подготвителен натпревар, шпанскиот стратег порача дека топчиите немаат намера мирно да го следат трансфер пазарот.

Активни сме и работиме на тоа да го подобриме тимот. Очекуваме големи поместувања во следните неколку недели. Сакаме да бидеме подобри, а кога ќе ги погледнете конкурентите, јасно е дека нема да седиме со скрстени раце. Многу сме амбициозни.

Иако не го спомена директно Винисиус Жуниор, неговата изјава дополнително ги засили гласините дека Арсенал внимателно ја следи ситуацијата околу бразилската ѕвезда.

На Винисиус му останува уште една година од договорот со Реал Мадрид, а преговорите за продолжување засега не донеле конечен договор. Доколку не се постигне договор, мадридскиот клуб би можел да размисли за продажба за да избегне да го загуби без обештетување.

Според англиските медиуми, Арсенал подготвува амбициозен финансиски пакет, а дополнителен адут е тоа што е подготвен да му понуди поповолни услови околу неговите спонзорски договори и маркетиншки права.

Во меѓувреме, лондонскиот клуб е блиску и до ангажманот на капитенот на Њукасл и соиграч на Винисиус во бразилската репрезентација, Бруно Гимараеш, во трансфер вреден повеќе од 70 милиони фунти.