Фудбал

АРГЕНТИНА ЌЕ ИГРА ФИНАЛЕ?

Да се обидеме да направиме паралела меѓу последното СП за Лионел Меси и последното кое реално го одигра Диего Армандо Марадона, па да претпоставиме дека оваа генерација на гаучосите повторно ќе се најде во мечот за титулата. Патем, посакуваме тоа да биде против Португалија на Кристијано Роналдо.

Во 1990-та година, Аргентина го загуби воведниот меч од Камерун со 0:1, за потоа да го совлада СССР со 2:0 и да игра реми со Романија 1:1. Во првата елиминациска фаза го совлада Бразил со 1:0, па потоа Југославија и домаќинот Италија на пенали. Загуби од пенал во финалето, од Германија.

Тоа беше последно СП за Марадона, со оглед на тоа што во 1991-та до 1992-та беше суспендиран за користење недозволени супстанци во клупскиот фудбал, за на СП 1994-та да биде вратен дома по само два натпревара поради тоа што „падна“ на допинг тест.

Ако мундијалот во Италија беше последен за Марадона, ако мундијалот во Катар е последен за Меси, има ли поголем подарок за фудбалските фанови од финале за виртуозот со топката кој би го одиграл последниот танц на големата сцена, па уште и да го освои пехарот кој би бил најголемиот дијамант во неговата круна?