Фудбал

АНЧЕЛОТИ ИМАШЕ ДРУГ ПЛАН, НО СОБЛЕКУВАЛНАТА ПРЕСЕЧЕ

Голем пресврт се случи во Бразил и тоа околу најкултниот број во светскиот фудбал.

Кога Карло Анчелоти го врати Нејмар во репрезентацијата за Светско првенство 2026, се појавија информации дека легендарниот напаѓач нема да ја носи славната „десетка“. Бразилските медиуми тврдеа дека бројот бил резервиран за Винисиус Жуниор, додека за Нејмар се споменуваше дресот со број 13.

Но ситуацијата доби неочекуван пресврт.

Според најновите информации од Бразил, токму Винисиус и Рафиња решиле да ја препуштат „десетката“ на Нејмар.

Нејмар ќе го носи дресот со број 10 на Светското првенство. Винисиус Жуниор и Рафиња можеа да го земат, но решија да му го препуштат на Нејмар.

Со тоа соблекувалната испрати јасна порака и покрај новата генерација ѕвезди, Нејмар и понатаму има посебен статус во националниот тим.

Анчелоти, според истите извори, не сакал директно да се меша во изборот на бројот, но јасно е дека улогата на 34-годишниот напаѓач повеќе не е иста како порано. Поради физичките проблеми и честите повреди, Нејмар не се очекува да биде сигурен стартер, туку потенцијален „џокер“ кој може да го промени текот на натпреварот.

И покрај сите дилеми, неговото име и понатаму носи огромна тежина. Нејмар дебитираше за Бразил пред 16 години, одигра 128 натпревари и со 79 голови останува најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата.

Токму затоа, бројот 10 на неговиот грб повторно станува една од најголемите приказни пред Светското првенство.