Кошарка

НИКОЛА ЈОКИЌ И СТЕФ КАРИ ОД СЛЕДНАТА СЕЗОНА ЗАЕДНО ВО ГОЛДЕН СТЕЈТ?

Никола Јокиќ би можел да биде една од најголемите трансферни цели на Голден Стејт вориорс во летото 2027 година. Иако српскиот центар најави дека сака да ја продолжи соработката со Денвер нагетс, американскиот новинар Џејк Фишер открива дека Вориорс внимателно ја следат ситуацијата и се надеваат дека би можеле да го доведат трикратниот МВП во своите редови.

Причината за интересот е и финансиска. Голден Стејт следното лето би можел да располага со меѓу 64 и 66,8 милиони долари слободен простор во платниот буџет, што би му овозможило да се обиде да донесе уште една суперѕвезда покрај Стеф Кари и да атакува на нова шампионска титула.

„Вориорс се еден од тимовите кои си го поставуваат прашањето: Дали сме сигурни дека Јокиќ нема да стане достапен следното лето? Се надеваат дека ќе имаат доволно простор во буџетот за да му понудат максимален договор, а тука е и Стеф Кари. Како што напишав во мојот вчерашен текст, разговарав со извор близок до клубот, кој добро ја познава ситуацијата и тврди дека Вориорс и понатаму веруваат дека се привлечна дестинација за големите ѕвезди“, открива новинарот Џејк Фишер.

Американскиот новинар потсети дека Голден Стејт претходно не успеа да ги ангажира Јанис Адетокумбо и Кевин Дурент, но во клубот веруваат дека следното лето би можеле да привлечат големо име, без разлика дали преку размена или како слободен агент.

Никола Јокиќ сè уште нема потпишано продолжување на договорот со Денвер, а планот е тоа да го направи следното лето како слободен агент. Поради тоа, шпекулациите за неговата иднина стануваат сè погласни, иако српскиот кошаркар претходно јасно ја изрази желбата да остане во Колорадо.