Фудбал

ИТАЛИЈАНЦИТЕ ГО ДОБИЈА ТОА ШТО ГО БАРАА: УЕФА СО НОВО ПРАВИЛО

УЕФА одлучи да ги промени правилата за квалификациските баражи за големите репрезентативни натпреварувања, а главната причина е незадоволството што со години го предизвикуваше досегашниот систем.

Досега домаќинот на финалниот натпревар од баражот се одредуваше со ждрепка, без разлика на тоа која репрезентација имала подобри резултати во квалификациите. Тоа често создаваше ситуации во кои носителите и подобро пласираните селекции мораа клучниот натпревар за пласман на големо натпреварување да го играат на гостински терен.

Меѓу репрезентациите што беа погодени од ваквиот систем се најдоа Италија, Данска и Турција. Особено болни беа последиците за Италија и Данска, кои ги загубија решавачките натпревари на гостински терен и останаа без место на Светското првенство.

Токму поради ваквите случаи УЕФА реши да интервенира и да воведе нов модел. Во иднина, репрезентациите кои ќе бидат сместени во првиот шешир, односно ќе имаат статус на носители, автоматски ќе бидат домаќини и на полуфиналните и на финалните натпревари од баражот.

Со ова практично се укинува можноста носителите да играат решавачки натпревар на гостински терен. Од УЕФА сметаат дека така подобро ќе бидат наградени репрезентациите кои оствариле подобри резултати во текот на квалификацискиот циклус.

Новото правило ќе почне да се применува во следните квалификации за големите натпреварувања и треба да донесе поголема спортска праведност во борбата за пласман на Европските и Светските првенства.