ЗАБОРАВЕНИ ВЕЛИКАНИ И МОМЕНТАЛНО НУЛА ОД ЕКИПИ
Објавено на: 20.04.2022
Некогаш, не толку одамна, пред само една деценија, Милан и Манчестер Јунајтед беа во врвот на европскиот фудбал и секоја сезона се бореа за трофеи на сите фронтови, а беа главни и во битката за титулата во Лигата на шампионите. Денес се само сенка на она што некогаш претставуваше институција.

Милан загуби со 3:0 од Интер во 1/2 финалето на италијанскиот Куп. Останува во битката за титулата во Италија, но повторно зависи од резултатите на градскиот ривал. Јунајтед беше прегазен со 4:0 од Ливерпул во најголемото англиско дерби, кое цела деценија е се, само не е фудбалско дерби.

Во Манчестер се најавува тотална реконструкција на играчи, се споменуваат 10 нови имиња со доаѓањето на новиот стратег, Ерик тен Хаг. Во Милано се најавува нов инвеститор, групацијата Интеркорп која не е заинтересирана за профит, туку за резултати. Има ли надеж за џиновите на фудбалот?