Фудбал

ЌЕ МУ ДОНЕСЕ ЛИ СРЕЌА НА ПСЖ, ДИЗАЈНОТ НА ДРЕСОТ НА ЧИКАГО БУЛС?

ПСЖ во официјална изјава обзнани дека четвртата униформа која ќе ја носи екипата оваа сезона, е инспирирана од времето на Чикаго Булс, најуникатната династија во модерната кошаркарска историја. Бостон и Лејкерс владееле, секој во своето време, но она што го направија Џордан и Булс, ја смени перцепцијата за кошарката.

Францускиот клуб дебитира во овие бои против Рен и победи со 1:0 со голот на Мбапе, на асистенција на Меси, во 93-та минута. Овој дрес ќе го носиме во текот на вториот дел од сезоната, истакнуваат од ПСЖ. Дизајнот потсеќа на славната генерација на Чикаго, а воедно е потврда на одличната соработка со Џордан Бренд.

Со носењето на овие дресови, ја славиме меѓусебната соработка со компанијата Најки, која трае повеќе од 4 години, а воедно со дресот на кој се вткаени идентитетот на нашиот клуб, иконските кодови на кошарката и оние на уличната култура, создадовме еден уникатен и храбар стил, се вели во соопштението на ПСЖ.

Се сеќавате на таа генерација на Чикаго Булс? Во ПСЖ се надеваат дека овој дизајн ќе им донесе среќа и дека конечно ќе се закитат со титулата во Лигата на шампионите на УЕФА, пред да се распадне тимот со заминувањето на Килијан Мбапе, кој се повеќе навестува дека следната сезона ќе игра за екипата на Реал Мадрид.