Тенис

НОВАЌ ЃОКОВИЌ (ЌЕ) ГИ ПОБЕДИ УГНЕТУВАЧИТЕ?

Случајот на српскиот тенисер добива на се поголема тежина, откако австралиската влада побара одложување на сослушувањето, што беше одбиено од австралискиот суд. Ова е само демонстрација на функционирање на еден државен апарат, во кој секоја власт си има свои овластувања и работи според законските прописи.

Извршната власт на Петтиот континент не може да влијае на судската, но тоа не му е сигурна гаранција на Новак Ѓоковиќ дека (медицинската потврда му е доволна и дека) ќе победи во случајот против одбивањето на визата, што му се случи кога пристигна во Австралија со цел да настапи на Аустралиан опен.

Засега, се оди во полза на тенискиот рекет број 1, но конечна ќе биде одлуката на судијата. Двете страни – државата Австралија и српскиот тенисер – одат на сослушување утре и кој ќе има поцврсти докази, ќе го добие спорот. Ако успее Ѓоковиќ, дали тоа ќе биде сензација од светски размери?

Битката на Србинот не е лична, ниту националистичка, туку е борба на човек кој го брани својот став, човек кој носи маска, ги почитува законските прописи на тема Ковид-19 и има прележано корона, но не сака да се вакцинира затоа што смета дека ваквиот начин на имунизација не му е потребен.