Фудбал

ЕКСКЛУЗИВНО: ЈУНАЈТЕД Е РЕЛИГИЈА, РАШФОРД Е ОМИЛЕН, ОЛЕ Е ЛЕГЕНДА

„Златна копачка“ зборуваше со еден од нашите „претставници“ во Премиерлигата, Александар Зелениковски, кој е пасиониран фан на Манчестер Јунајтед. Од прва рака дознаваме за актуелностите во овој клуб и за филозофијата на тимот од „Театарот на соништата“.

Редовно одам на натпреварите на Манчестер Јунајтед, а воедно сум навивач и на МЗТ Скопје Аеродром. На двете места каде одам со многу страст, има навивање по мој ќеиф – од срце за својата екипа. Од посетените натпревари, можам да ги издвојам Суперкупот во Скопје во 2017-та кога Манчестер Јунајтед играше со Реал Мадрид и кошаркарскиот дуел меѓу МЗТ Скопје и Реал Мадрид во 1996-та година.

Во Англија е подобро да те казнат со затворска казна, отколку да ти забранат да одиш на стадион. Тука фудбалот е нешто сосема поинакво, од кое било друго место на светот. Правилата за посета на стадионите се екстремно строги, особено по донесувањето на законот од страна на некогашната премиерка Маргарет Тачер, која реши да стави крај на хулиганството по стадионите, појава која доведуваше до човечки жртви во минатото.

Иако нема многу среќа сезонава, иако екипата не игра според очекувањата, Оле Гунар Солскјер е легенда на Манчестер Јунајтед и тој е омилен лик меѓу фановите на овој клуб. Никогаш нема да се заборави неговиот гол за триумф во Лигата на шампионите 1999-та на Камп Ноу против Баерн Минхен, во 93-та минута за 2:1. За навивачите е важно што тој го консолидира тимот по заминувањето на Мурињо и дури и да нема резултат, може да замине, ако замине, со крената глава.

Маркус Рашфорд е најомилениот играч кај публиката, затоа што е домашен играч, потекнува од школата на Манчестер Јунајтед. Секако, Кристијано Роналдо е исто така омилен, се знае од кои причини. Манчестер Јунајтед е религија, му посакувам на секој навивач да ја почувствува атмосферата на Олд Трафорд бидејќи тоа не се објаснува со зборови.