Фудбал

ШОКАНТНО ПРИЗНАНИЕ НА ВЕЈН РУНИ: САКАВ ДА СИ ГО ОДЗЕМАМ ЖИВОТОТ

Вејн Руни откри дека зад успесите и славата во дресот на Манчестер Јунајтед криел тешка лична битка, во која се соочувал со сериозни психолошки проблеми, прекумерно консумирање алкохол, па дури и размислувал за самоубиство.

Поранешниот капитен на Англија, кој денес има 41 година, во подкастот „Life at the Midpoint“ искрено проговори за најмрачниот период од животот. Тоа се случувало додека бил на врвот на фудбалската кариера, во времето кога неговиот најстар син Кај бил сè уште бебе.

„Кога пиев, се заклучував дома по два дена и само пиев. Се криев за син ми да не ме гледа во таква состојба“, откри Руни.

Неговата зависност и изолацијата постепено го довеле до точка во која размислувал да си го одземе животот.

„Стигнав до момент кога размислував за самоубиство. Не сакав да бидам околу никого, не сакав да гледам луѓе на улица, ниту да влегувам во продавници. На фудбалскиот терен секогаш се чувствував сигурно, но надвор од него имав огромни проблеми“, раскажа поранешниот напаѓач.

Петкратниот шампион на Премиер-лигата успеал да излезе од тешката ситуација откако побарал професионална помош и отворено разговарал со мајка си и сопругата Колин. Особено важна била поддршката од неговата животна партнерка, која останала покрај него и во најтешките моменти.

„Колин ми помогна неверојатно многу. Ситуацијата беше толку лоша што можеше едноставно да си замине, но таа остана со мене и ми помогна да го пребродам тој период“, додаде Руни.