Фудбал

Дарко Чурлинов: „Веруваме во позитивни резултати“

Фудбалската репрезентација на Македонија го одржа денешниот тренинг пред последните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите. Избраниците на селекторот Гоце Седлоски ги очекува гостување против Шкотска во Глазгов, а потоа и дуел со Словенија на домашен терен.

Своите очекувања од овие два меча ги сподели повратникот во националниот тим, Дарко Чурлинов.

„Секогаш ми било чест да играм за овој дрес и секогаш ќе давам максимум. Се надеваме на најдоброто. Нормално дека ќе анализираме и ќе се обидеме сето она што тренерот ќе ни го каже да го пренесеме на теренот“, истакна Чурлинов.

Крилниот фудбалер смета дека добрата минутажа што репрезентативците ја имаат во своите клубови може да биде значаен фактор во претстојните предизвици.

„Минутажата во клубот е многу битна и таа енергија се пренесува и овде. Добро е што сите играме во своите клубови, што имаме минутажа, и верувам дека тоа ќе има позитивно влијание на овие два натпревари“, додаде македонскиот репрезентативец.

Чурлинов верува дека Македонија има квалитет да се надигрува со секој противник, без разлика на имињата и индивидуалниот потенцијал на спротивната страна.

„Шкотска ги има Мектоминеј, Гилмор, Робертсон, ние ги имаме Елиф Елмас, Барди и Столе Димитриевски. Денеска нема репрезентација што не може да се победи, така што тоа треба да го покажеме на теренот“, порача Чурлинов.

Македонија во петок ќе гостува кај Шкотска во Глазгов, додека три дена подоцна на домашен терен ќе ја пречека Словенија во последниот натпревар од групната фаза во Лигата на нациите.