ФИФА ЌЕ МЕНУВА ПРАВИЛО ПОРАДИ СЛУЧАЈОТ СО БАЛОГУН
Објавено на: 14.10.2026
ФИФА планира да го измени дисциплинскиот правилник за да не се повтори случајот со Фоларин Балогун, но и тој предлог предизвикува нов судир и полемики, пишува британски „Телеграф“.
Критичарите тврдат дека измената е осмислена за да се ослободат од одговорност ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино.
Според измената, ФИФА повеќе нема да може да ја одложи автоматската суспензија од еден натпревар за играчите кои ќе добијат директен црвен картон.
Членовите на Советот на ФИФА го добија предлогот во вторникот, иако тој не беше на дневниот ред објавен пред две недели. Советот има 37 членови и за измената треба да се гласа во четврток во Цирих.
Предлогот пристигна три месеци откако напаѓачот на САД, Фоларин Балогун, избегна автоматска суспензија, иако беше исклучен за време на оволетното Светско првенство на натпреварот против БиХ.
Скандалот изби кога американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде заслугата за тоа и откри дека му се јавил на Инфантино и побарал да интервенира.
Инфантино негираше дека влијаел врз одлуката. Неа ја донесе претседателот на Дисциплинската комисија на ФИФА врз основа на малку познато правило за одложување на извршувањето на дисциплинските мерки. Притоа беше занемарено правилото според кое директен црвен картон автоматски носи суспензија од еден натпревар. Тоа во мај беше нагласено и во дописот до сите репрезентации кои се пласираа на Светското првенство.