Фудбал

МАКЕДОНИЈА ОДИГРА ЧЕТИРИ МЕЧА ВО ЛИГА НА НАЦИИ, А НАРЕДИ САМО НУЛИ

Македонската фудбалска репрезентација загуби со 3:0 на гости кај Швајцарија во меч од четвртото коло во Лигата на нациите и на неславен начин ја заврши оваа низа од четири натпревари одиграни во само две недели.

Освен со Швајцарија, нашата репрезентација е во група и со Словенија и Шкотска. На врвот на табелата е Швајцарија со максимални 12 бодови, пред Словенија со седум, =Шкотска има четири бодови, а Македонија е без ниту еден освоен бод.

Македонија не само што не освои ниту еден бод во овие четири средби, туку не успеа да постигне ниту еден гол, а прими дури 10. За тоа колку лошо игравме говори и фактот дека на три од четирите средби, нашите фудбалери не упатија ниту еден удар во рамките на голот. Единствениот удар во рамките на противничкиот гол го имавме во финишот на дуелот против Словенија.

До крајот на ова издание од Лига на нации Македонија ќе игра на гости кај Шкотска и дома против Словенија следниот месец.