Тенис

ЃОКОВИЌ СО ПОДВИГ КОЈ НЕ МУ УСПЕАЛ НА НИТУ ЕДЕН ДРУГ ТЕНИСЕР ВО ИСТОРИЈАТА

Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на тенискиот турнир во Пекинг, откако по голема борба и дуел кој траеше повеќе од два и пол часа, со 2:1 во сетови го победи Александер Зверев. Со оваа победа Србинот постави и светски рекорд. Тој е првиот играч во историјата на тенисот кој успеал да победи на првите 32 меча по ред на еден турнир.

Едноставно секогаш кога игра на турнирот во Пекинг, Ѓоковиќ победува. Денеска противник на Ноле беше Зверев, тенисерот кој триумфираше на два Гренд-слем турнири сезонава. Германецот беше фаворит, но едноставно не може да е фаворит против Ѓоковиќ во Пекинг.

А, лошо започна мечот за Ѓоковиќ бидејќи веднаш го загуби гемот на свој сервис. Зверев во продолжение беше сигурен кога сервираше, не му дозволи на Србинот да стигне до брејк-топка и го доби првиот сет до 6:4.

Во вториот сет двајцата тенисери продолжија во ист ритам. Беа сигурни на свој сервис и немаше ни шанса некој да направи брејк. Ѓоковиќ поведе со 5:4, а потоа кога беше најпотребно, на сервис на Зверев успеа да одигра одлично и го доби гемот што му донесе израмнување на 1:1 во сетови.

Како да беше пресликано темпото на игра и во третиот сет. Двајцата тенисери беа сигурни на својот сервис. Ѓоковиќ поведе со 5:4, кога повторно како во вториот сет, Зверев требаше да сервира за да остане во игра. Сепак, Германецот уште еднаш потклекна пред притисокот, а Ѓоковиќ ја искористи втората меч-топка за пласман во полуфиналето на неговиот турнир на кој никогаш не загубил.