Фудбал

СЕРИОЗНА ПОВРЕДА ЗА ДЕЗИРЕ ДУЕ, ВО ПСЖ СТРАВУВААТ ОД НАЈЛОШОТО

Нов сериозен проблем за Пари Сен Жермен и Луис Енрике. Дезире Дуе доживеа повреда на коленото на гостувањето кај Ница, а сцените по неговото излегување од игра предизвикаа голема загриженост во францускиот гигант.

Младиот француски репрезентативец се повреди непосредно откако го постигна голот за 1-2. Болките беа толку силни што не можеше да продолжи со игра, па медицинската екипа мораше да го изнесе на носилки. Дуе не успеа да ги сокрие емоциите и во солзи го напушти теренот, додека навивачите на Ница му испратија поддршка.

 

Најголем страв предизвикува можноста за сериозно оштетување на лигаментите, а меѓу сомнежите е и повреда на предните вкрстени лигаменти на коленото. Сепак, станува збор за првични проценки и сè уште нема официјална потврда за дијагнозата. Дополнителните медицински прегледи треба да покажат колку е сериозна повредата и колку долго ќе отсуствува офанзивецот.

Потенцијалното отсуство на Дуе би било уште еден тежок удар за Луис Енрике, кој веќе се соочува со проблеми во составот. Претходно тешка повреда заработи и Квича Кварацхелија, за кого се очекува сезоната да биде завршена.