АТЛЕТИКО ПРЕСЕЧЕ ЗА АЛВАРЕЗ: ИЗВИНИ СЕ И ФАТИ СЕ ЗА РАБОТА
Објавено на: 10.08.2026
Трансфер-сагата околу можниот премин на Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид во Барселона се чини дека е пред својот крај. Ставот на мадридскиот клуб останува непроменет, Аргентинецот не е на продажба.
Според АС, Атлетико ја одбил и последната понуда на Барселона од 120 милиони евра и нема намера да отстапи од својата одлука. Во клубот не сакаат ниту да започнат преговори за заминување на еден од своите најважни фудбалери.
Алварез во меѓувреме се приклучи на подготовките на Атлетико и ги мина задолжителните медицински и физички тестови. Со тренерот Диего Симеоне треба да се сретне во среда, кога би можело да имаат и разговор за целата ситуација.
Сепак, пораката од раководството на Атлетико до Алварез е кратка и јасна:
Извини се и фати се за работа.
Со тоа во Мадрид сакаат да стават крај на шпекулациите. Ставот на Атлетико е дека Алварез нема да замине во Барселона, без разлика на интересот и понудите од каталонскиот клуб.
Како пример за тоа што може да се случи доколку ја напушти шпанската престолнина, во Атлетико го потсетуваат на Антоан Гризман.
Французинот во 2019 година го напушти Атлетико и се пресели во Барселона, но неговиот престој таму не се одвиваше според очекувањата. Подоцна се врати во Мадрид, повторно ја освои довербата на навивачите и стана една од најголемите фигури во поновата историја на клубот.
Во Атлетико сметаат дека Гризман направил грешка со заминувањето во Барселона и не сакаат Алварез да тргне по истиот пат.
Аргентинецот има петгодишен договор со Атлетико, а од него сега се очекува да ја прифати одлуката на клубот, да ги остави трансфер-шпекулациите зад себе и целосно да се посвети на новата сезона.
Барселона беше подготвена да плати огромна сума, но одговорот од Мадрид засега е категоричен: Хулијан Алварез останува во Атлетико.