Фудбал

НОВ РЕД ВО МАДРИД: МУРИЊО ВОВЕДЕ ТРИ ПРАВИЛА

Жозе Мурињо не чекаше долго за да започне со воведување на своите правила по враќањето на клупата на Реал Мадрид.

Португалскиот стратег веднаш започна да воспоставува ред во соблекувалната, а трите нови правила јасно покажуваат какво ниво на дисциплина очекува од своите фудбалери.

Еден од неговите најголеми предизвици ќе биде управувањето со соблекувална преполна со големи ѕвезди како Килијан Мбапе, Џуд Белингам и Винисиус Жуниор, кој оваа недела потпиша нов шестгодишен договор со клубот.

Сепак, уште од првите денови Мурињо јасно ставил до знаење дека статусот на фудбалерите нема да им носи привилегии. Португалецот особено се фокусирал на три области: исхраната, точноста и рехабилитацијата по повредите.

ПОСТРОГИ ПРАВИЛА ОКОЛУ ИСХРАНАТА

Првата голема промена се однесува на исхраната на фудбалерите.

Клупскиот нутриционист досега главно имал советодавна улога и им давал препораки на играчите, кои сепак имале одредена слобода сами да одлучуваат што ќе јадат.

Со доаѓањето на Мурињо тоа се менува.

Нутриционистот сега прецизно ќе одредува што смеат да јадат фудбалерите во текот на денот, а новиот режим ги опфаќа сите оброци: од појадокот до попладневните оброци.

Идејата на португалскиот тренер е секој детал во исхраната да биде подреден на физичката подготовка, опоравувањето и резултатите на теренот, наместо на личните желби на фудбалерите.

Иако на овој начин загубиле дел од слободата при изборот на храната, играчите на Реал наводно добро го прифатиле новиот режим.

ЌЕ ЗАДОЦНИШ, ЌЕ ТРЕНИРАШ САМ

Втората промена можеби најдобро го покажува пристапот на Мурињо кон дисциплината.

Во Реал е променет начинот на кој ќе бидат казнувани фудбалерите кои доцнат на тренинзите или на состаноците во тренинг-центарот Валдебебас.

Паричните казни повеќе нема да бидат главната санкција.

Секој фудбалер кој ќе задоцни ќе биде одвоен од остатокот од тимот и ќе мора самостојно да ја одработи својата тренинг-програма во теретана.

Мурињо бара сите играчи да пристигнуваат во Валдебебас еден час пред официјалниот почеток на тренингот. На тој начин сака целиот тим навреме да биде подготвен за обврските и да нема доцнења кои би ја нарушувале работата на останатите.

Правилото важи за сите подеднакво. Ниту статусот на голема ѕвезда, ниту важноста на одреден фудбалер за тимот нема да бидат оправдување.

РЕХАБИЛИТАЦИЈА САМО ВО ВАЛДЕБЕБАС

Третото правило се однесува на повредените фудбалери и процесот на нивно враќање на теренот.

Мурињо сака комплетната рехабилитација на играчите да се одвива под директен надзор на Реал Мадрид.

Тоа значи дека програмите за опоравување ќе мора да се спроведуваат во клупскиот тренинг-центар Валдебебас, без самостојно заминување на надворешни третмани и работа со луѓе надвор од клупскиот систем.

Португалецот на овој начин сака медицинскиот и стручниот штаб постојано да имаат увид во состојбата на повредените играчи и целосна контрола врз процесот на нивното закрепнување.

Сите медицински процедури, тренинзи и планови за враќање на теренот треба да бидат координирани во рамките на клубот.

„Специјалниот“ очигледно нема намера да остава ништо на случајноста во обидот да го врати Реал Мадрид на победничките патеки.