Фудбал

ЈУНАЈТЕД ВО ЌОР-СОКАК: НЕ МОЖЕ ДА ПРОДАВА, НЕ МОЖЕ НИ ДА КУПУВА

Манчестер Јунајтед се соочува со сериозни проблеми на трансфер-пазарот, а причината лежи во неколкугодишните лоши одлуки при составувањето на тимот, пишува The Sun.

Додека ривалите од англиската голема шестка трошат стотици милиони евра за нови засилувања, црвените ѓаволи се ограничени од правилата за финансиски фер-плеј и од играчи со огромни договори кои никој не сака да ги купи.

Најголем проблем претставуваат Маркус Рашфорд и Џошуа Зиркзе. Рашфорд заработува околу 325.000 фунти неделно, што ги одвраќа потенцијалните купувачи, а пропадна и неговиот постојан трансфер во Барселона. Дополнително, Астон Вила реши да го купи Алехандро Гарначо наместо него.

Ниту Зиркзе, кој пристигна за 36,5 милиони фунти, не успеа да се наметне, а Јунајтед не може да најде клуб што би платил сума блиска до вложената.

Во меѓувреме, единствената продажба ова лето е младиот дефанзивец Тајлер Фредриксон, кој се пресели во Лозана. Од друга страна, клубот потроши околу 87 милиони фунти за засилувања, но без значителни приходи од продажби нема простор за нови големи трансфери.

Додека Манчестер Сити и Челси успешно заработуваат преку продажба на играчи и мрежата на партнерски клубови, Јунајтед останува заробен со фудбалери на високи плати и договори што никој не сака да ги преземе.

Според британските медиуми, сè додека не се реши проблемот со излезните трансфери, навивачите на црвените ѓаволи тешко дека ќе видат звучни засилувања до крајот на летниот преоден рок.