Фудбал

ЕЛ КЛАСИКО ЗА РОДРИ: БАРСЕЛОНА ВЛЕЗЕ ВО ИГРА

Барселона се вклучи во трката за потписот на Родри и веќе остварила првични контакти со претставниците на шпанскиот репрезентативец, пренесуваат шпанските медиуми.

Реал Мадрид со недели работи на трансферот на играчот за врска на Манчестер Сити, но договор сè уште нема, што им отвори простор на Каталонците да се вмешаат во битката.

На Родри му останува уште една година од договорот со англискиот шампион, а засега не прифатил продолжување на соработката. Токму тоа ја прави неговата иднина една од најголемите теми на летниот преоден рок.

Барселона засега нема испратено официјална понуда, но веќе ги проверила финансиските услови и интересот на играчот за преселба на Камп Ноу. Истовремено бил воспоставен и контакт со Манчестер Сити.

Интересот дополнително се засилил по тешката повреда на Френки де Јонг, поради која Ханси Флик остана без еден од клучните играчи во средниот ред.

Според Фабрицио Романо, ниту Реал ниту Барселона немаат проблем да ја платат сумата што ја бара Манчестер Сити.

Обештетувањето не е проблем. И двата клуба се подготвени да платат колку што бара Сити. Сега одлуката е само на Родри и на тоа каде сака да ја продолжи кариерата.