Фудбал

БИТКА ЗА МУНДИЈАЛОТ: ГЕРМАНЦИТЕ ГО ПРЕДИЗВИКУВААТ ТРАМП И САД

Германија сериозно размислува да се кандидира за организација на Светското првенство во 2038 или 2042 година и би можела да стане главен конкурент на Соединетите Американски Држави.

Аксел Хелман, член на Управниот одбор на Германскиот фудбалски сојуз (DFB) и извршен директор на Ајнтрахт Франкфурт, изјави дека Германија располага со целата неопходна инфраструктура за организација на еден ваков настан.

Би сакале да бидеме домаќини. Претседателот на DFB, Бернд Нојендорф, веќе ја започна иницијативата за кандидатура за 2042, а можеби и за 2038 година. Сè ќе зависи од правилата на ФИФА.

Од Германскиот фудбалски сојуз засега не сакаат официјално да ги коментираат плановите, додека ФИФА сè уште не ја започнала постапката за избор на домаќини за овие два Мундијали.

Во меѓувреме, интерес за организација повторно покажаа и САД. Американскиот претседател Доналд Трамп веќе изјави дека би сакал неговата земја уште еднаш да биде домаќин на Светското првенство.

Со оглед на тоа што домаќините за следните два шампионати веќе се познати, се очекува Германија и САД да бидат меѓу главните кандидати кога ФИФА ќе го отвори процесот за избор на организаторите на Светските првенства во 2038 и 2042 година.