ЗОШТО РЕЧИСИ СИТЕ ФУДБАЛЕРИ НОСАТ РОЗЕВИ КОПАЧКИ НА СВЕТСКОТО?
Објавено на: 01.07.2026
Ако внимателно ги следите натпреварите на Светското првенство 2026, сигурно сте забележале еден необичен тренд: Огромен број од големите фудбалски ѕвезди настапуваат со розеви копачки.
Килијан Мбапе, Кристијано Роналдо, Винисиус Жуниор, Ерлинг Халанд, Џуд Белингам, Хари Кејн, Ламин Јамал, Џио Рејна, Деклан Рајс и многу други избраа токму оваа впечатлива боја.

Сепак, зад трендот не стои само модата.
Големите производители како Најки, Адидас, Пума, Скетчерс и Њу Баланс свесно се одлучиле за розевите нијанси затоа што тие најмногу се истакнуваат на зелената тревна подлога. Од маркетиншка гледна точка, тоа значи поголема видливост и на стадионот и на телевизиските преноси, кои ги следат милијарди гледачи ширум светот.
Спортистите оваа боја ја поврзуваат со самодоверба и желба да се издвојат. Тоа има силен ефект
,објасни Одинга Нимако, директор за глобален развој на обувки во Најк.
Од Скетчерс, пак, откриваат дека нивниот дизајн е инспириран од зајдисонцата во Лос Анџелес.
Боите ги претставуваат розовите и виолетовите нијанси на зајдисонцето, кои постепено преминуваат во бела боја со суптилни портокалови тонови.
Иако сите брендови речиси истовремено претставија слични розеви модели, аналитичарите сметаат дека тоа е повеќе случајност отколку координирана стратегија. Всушност, компаниите не би сакале нивните производи да личат на оние на конкуренцијата, бидејќи од далечина понекогаш е тешко да се препознае кој бренд го носи фудбалерот.

Интересно е што досега нема научни докази дека бојата на копачките влијае врз играта или резултатите. Сепак, производителите, особено во Најки веруваат дека психологијата има голема улога.
Кога фудбалерот ќе ги облече копачките и тие изгледаат брзи, лесни и му даваат чувство на сигурност, тоа позитивно влијае и на неговата самодоверба. Сè работи за една целина и компактност на чувството со тоа како изгледа фудбалерот.
Дали розевите копачки навистина им помагаат на фудбалерите или се само одличен маркетинг трик, останува предмет на дебата. Но едно е сигурно, тие станаа еден од најпрепознатливите симболи на Светското првенство 2026.