Фудбал

ПСЖ И СИТИ МЕРКААТ: РЕАЛ МАДРИД ГО ПРОДАВА ВИНИСИУС?

Иднината на Винисиус Жуниор во Реал Мадрид повторно е една од главните теми во шпанските медиуми.

Иако долго време се очекуваше Бразилецот без проблеми да потпише нов договор, преговорите меѓу двете страни влегле во ќорсокак, а во клубот веќе почнуваат да ја губат трпеливоста.

Според шпански извори, главниот проблем е финансиски. Винисиус бара договор кој ќе го вброи меѓу најплатените фудбалери во тимот, додека Реал Мадрид не сака да ја наруши платната структура воспоставена по доаѓањето на Килијан Мбапе.

Новинарот Хосе Феликс Дијаз тврди дека клубот веќе испратил неколку понуди за продолжување на соработката, но досега не добил позитивен одговор.

Реал Мадрид испрати неколку понуди до Винисиус Жуниор. На ниту една не беше одговорено.

Според него, во клубот сметаат дека не можат бесконечно да чекаат.

Понудите имаат рок на траење. Одбројувањето почна бидејќи никој не е поголем од клубот.

Последниот обид за договор се очекува по завршувањето на Светското првенство, кога двете страни повторно ќе седнат на преговарачка маса.

Доколку не биде постигнат договор, Реал Мадрид би можел сериозно да размисли и за други сценарија, вклучувајќи и евентуална продажба на еден од своите најголеми адути.

Во меѓувреме, интересот од други клубови не недостига. ПСЖ, Манчестер Сити и неколку богати клубови од Саудиска Арабија внимателно ја следат ситуацијата и се подготвени да реагираат доколку Бразилецот стане достапен на трансфер пазарот.

Винисиус пристигна во Реал во 2018 година и оттогаш прерасна во еден од најважните играчи на тимот. Во дресот на мадридскиот гигант има одиграно 375 натпревари, постигнато 128 голови и забележано 100 асистенции.

Сепак, и покрај сите успеси и освоени трофеи, изгледа дека иднината на Бразилецот во Мадрид никогаш не била понеизвесна како сега.