Фудбал

ПОЗНАТ ПРВИОТ ГОЛЕМ ФАВОРИТ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА СП 2038

Франција сериозно размислува да се кандидира за организација на Светското првенство во 2038 година, објавуваат француските медиуми.

Според информациите, здружението Територии на спортски настани подготвило обемен извештај во кој се препорачува земјата да тргне во офанзива за добивање на неколку големи фудбалски натпреварувања во следната деценија.

Меѓу нив се Европското првенство за жени во 2033 година, Европското првенство за мажи во 2036 година, но и Светското првенство во 2038 година.

Извештајот, кој содржи повеќе од сто страници, анализирал во каква состојба се наоѓаат најголемите француски стадиони и какви се можностите земјата повторно да биде домаќин на врвни спортски настани.

Најголемата амбиција сепак е Мундијалот во 2038 година.

Франција последен пат беше домаќин на Светско првенство во 1998 година, кога ја освои и титулата светски шампион. Подоцна успешно го организираше Европското првенство во 2016 година, а во 2024 година беше домаќин и на Олимписките игри во Париз.

Според авторите на извештајот, Франција е една од ретките европски земји која и понатаму може самостојно да организира турнир од вакви размери. Сепак, се наведува дека шансите би биле уште поголеми доколку се формира заедничка кандидатура со друга голема европска земја, а како можен партнер се споменува Германија.

Покрај Светското првенство, Французите сериозно размислуваат и за кандидатура за Европското првенство во 2036 година, како и за женското Европско првенство во 2033 година.

Во моментов, домаќинствата за следните два Мундијала веќе се познати. Светското првенство во 2030 година ќе се игра во Мароко, Португалија и Шпанија, додека Саудиска Арабија ќе биде домаќин во 2034 година.

Токму затоа Франција гледа можност да стане првиот сериозен кандидат за организација на Светското првенство во 2038 година и повторно да го донесе најголемиот фудбалски спектакл на своја територија.