КОМЕНТАТОР ОДБИ ДА ПУШТА РЕКЛАМИ НА ПАУЗАТА ЗА РАЗЛАДУВАЊЕ
Објавено на: 12.06.2026
На секое Светско првенство, особено кога натпреварите се играат во високи температури, гледачите се навикнати да гледаат таканаречени „hydratatio break“ паузи. Официјално, нивната цел е едноставна, фудбалерите да добијат неколку минути за освежување, хидратација и краток одмор во екстремни услови.
Но, зад оваа наизглед спортска мерка се крие и уште една страна од приказната: комерцијалната.
Во последните години, паузите за разладување станаа исклучително вреден телевизиски простор. Додека играчите пијат вода и добиваат инструкции од тренерите, многу телевизиски куќи ги користат тие две-три минути за емитување реклами. А кога станува збор за Светско првенство, секоја секунда рекламен простор вреди вистинско богатство.
Токму затоа изјава на коментатор од телевизијата Теле Мундо во САД која пренесува програма на шпански јазик, привлече големо внимание за време на преносот на Мундијалот вечерва:
Ние сме една од ретките телевизиски мрежи во светот што не прикажува реклами за време на паузите за разладување.
Потоа објасни и зошто.
Го претпочитаме стариот начин. Треба да можеме да видиме што прават играчите. Ги покажуваме навивачите, луѓето кои уживаат на стадионот, а не корпоративната насока во која оди фудбалот.
Неговите зборови отворија интересна дебата меѓу љубителите на спортот. Дали овие паузи навистина се само за здравјето на играчите или со текот на времето станаа и совршена можност за дополнителна заработка?
Факт е дека телевизиските права за Светските првенства достигнуваат рекордни суми, а телевизиите бараат начини да ги вратат вложените средства. Паузите создаваат редок момент во кој играта е запрена, а гледачите остануваат пред екраните. За огласувачите тоа е идеална можност.
Од друга страна, дел од навивачите сметаат дека токму тие моменти се интересни бидејќи нудат поинаков поглед на натпреварот. Камерите можат да ги уловат разговорите меѓу тренерите и играчите, реакциите на клупите, атмосферата на трибините и емоциите што обично остануваат скриени додека топката е во игра.
Затоа коментарот на Ел Мундо не беше само забелешка за рекламите. Тој отвори пошироко прашање за тоа каде завршува спортот, а каде почнува бизнисот.
Во модерниот фудбал тие две работи одамна се неразделни. Но понекогаш е доволна една кратка пауза за вода за повторно да се потсетиме колку е тенка линијата меѓу играта и индустријата што се гради околу неа.