Фудбал

МАЈКА КУПИЛА БИЛЕТИ ЗА СП И ДОБИЛА ДОПОЛНИТЕЛНА СМЕТКА ОД 8.100 ДОЛАРИ

Светското првенство носи еуфорија, но понекогаш и неверојатни приказни. Една мајка од Њујорк доживеа вистински шок откако, обидувајќи се да купи билети за натпревар на Мундијалот, по грешка платила повеќе од 8.000 долари за паркинг место.

Елизабет Саита од Лонг Ајленд преку платформата „СтабХаб“ купила две влезници за натпреварот меѓу Бразил и Мароко на стадионот МетЛајф во Њу Џерси. Билетите, кои ги купила уште минатата година како божиќен подарок за својот син, чинеле 772 долари заедно со осигурувањето.

Но вистинскиот шок дошол неколку моменти подоцна.

Кога ја проверила трансакцијата, забележала дополнително задолжување од неверојатни 8.100 долари. Наместо само билети, по грешка купила и паркинг-пропусница чија цена достигнала астрономска сума.

Според нејзините зборови, веднаш сфатила што се случило.

Се јавив буквално за неколку секунди, можеби минута по купувањето и побарав поврат на средствата.

Сепак, одговорот од платформата првично бил негативен и барањето било одбиено. Дури откако случајот бил објавен во американските медиуми, компанијата ја променила одлуката и ѝ ги вратила парите.

Приказната повторно ја отвори дебатата околу високите цени поврзани со Светското првенство. Во последните недели многу навивачи се жалат на рекордно скапите билети, паркинзи и дополнителни услуги околу натпреварите.

Светското првенство годинава се игра во САД, Канада и Мексико, а организаторите очекуваат милиони посетители. Само во Соединетите Американски Држави ќе се одиграат повеќе од 70 натпревари, додека големото финале е закажано за 19 јули на стадионот МетЛајф.

Интересно е што, и покрај глобалната популарност на турнирот, истражувањата покажуваат дека голем дел од Американците не покажуваат голем интерес за Светското првенство. Според една анкета, дури 45 проценти од испитаниците изјавиле дека воопшто не ги интересира турнирот.

Но за Елизабет Саита, Светското првенство сигурно ќе остане незаборавно, не поради головите и спектаклот на теренот, туку поради паркинг местото кое за малку ќе ја чинело повеќе од луксузен автомобил.