ДРАМА НА РОЛАН ГАРОС: СИНЕР ОТКРИ ЗОШТО СЕ РАСПАДНА
Објавено на: 28.05.2026
Првиот светски рекет Јаник Синер конечно се огласи по еден од најшокантните порази во својата кариера на Ролан Гарос.
Италијанецот доживеа неверојатен колапс против Хуан Мануел Серундоло, иако имаше водство од 2:0 во сетови и 5:1 во третиот. Наместо рутинска победа и сигурен пласман понатаму, следеше целосен пресврт, Аргентинецот славеше со 3:6, 2:6, 7:5, 6:1, 6:1 и го испрати првиот носител дома уште во раната фаза од турнирот.
По натпреварот, Синер призна дека во текот на мечот западнал во сериозни физички проблеми и практично останал без енергија.
Не се чувствував добро на теренот, но тоа се случува. Бев во добра позиција, но не можев да сервирам. Се обидов, но… Му честитам и нему. Не сакам да му ги одземам заслугите. Тоа е спорт.
Италијанецот откри дека проблемите не биле поврзани со временските услови, туку со неговата физичка состојба.
Чувствував вртоглавица, енергијата ми падна. Се обидував да сервирам, но немав сила. Четвртиот сет практично го пуштив за да сочувам енергија за петтиот. Не се чувствував добро ниту кога се разбудив. Се обидував да ги скратувам поените, а потоа удрив во ѕид и тоа беше тоа.
Синер објасни дека кризата започнала во средината на третиот сет токму во моментите кога мечот изгледал целосно под негова контрола.
Средината на третиот сет беше моментот кога почнав да чувствувам проблем. Играв добро, но не можев да најдам енергија. Тешка ситуација е. Беше топло, но не толку. Не беше до времето, беше до мене. Се случува…
Иако не сакаше директно да каже дека бил болен, призна дека уште пред мечот чувствувал дека нешто не е во ред.
Тешко е да се објасни. Многу работи се во прашање. Играв многу, немав доволно одмор. Ни слободниот ден не ми беше доволен. Не спиев добро и кога се разбудив, се мачев. На Гренд слем имаш ден пауза, но мене ова ми се случи токму на денот на мечот.
Неговиот ран пораз целосно ја отвори сликата на Ролан Гарос и создаде нова драма во Париз, бидејќи фаворитот за титулата замина многу порано отколку што некој очекуваше.