ИРАОЛА ИЛИ ЧАВИ? КОЈ ЌЕ СЕДНЕ НА КЛУПАТА НА МИЛАН?
Објавено на: 25.05.2026
Вистински земјотрес го погоди Милан, откако клубот во едно кратко, но брутално соопштение ги отпушти тренерот Масимилијано Алегри и целиот раководен тим.
Покрај Алегри, клубот се раздели и со спортскиот директор Игли Таре, извршниот директор Џорџо Фурлани и техничкиот директор Жофри Монкада.
По неуспехот да се обезбеди пласман во Лига на шампиони, сопственикот Џери Кардинале и советникот Златан Ибрахимовиќ започнуваат целосен рестарт на клубот.
Во првите моменти се споменуваше и интерес за Антонио Конте, но според италијанските медиуми Милан сега бара поинаков профил, тренер во стилот на Сеск Фабрегас.
Токму затоа како главни кандидати за клупата се појавуваат две звучни имиња, Андони Ираола и Чави Ернандез.
Ираола, кој го води Борнмут од 2023 година, наводно е подготвен за нов предизвик ова лето. Англиските и италијанските медиуми имаат различни информации, едни тврдат дека Милан веќе стапил во контакт со неговите претставници, додека други наведуваат дека шпанскиот стратег бил понуден на Росонерите преку посредници.
Во меѓувреме, Чави останува сериозна опција, што покажува дека Милан размислува за нова фудбалска филозофија, а не само за смена на тренерот.