Фудбал

ЛЕГЕНДА НА РЕАЛ ЗА КАМАВИНГА: ТОЈ Е ГЛУП ЧОВЕК

Реал Мадрид беше на чекор до полуфиналето во Лигата на шампионите, но во самиот финиш сѐ се распадна. Тимот водеше 3:2 и имаше резултат кој го носеше најмалку во продолженија, но еден непромислен потег на Едуардо Камавинга целосно го смени текот на натпреварот и му го отвори патот на Баерн Минхен до голем пресврт.

Францускиот играч за врска беше исклучен во 86. минута по втор жолт картон, во момент кога натпреварот се кршеше и кога на тимот најмногу му беше потребна смиреност. По тоа следеше целосен пад, Баерн прво израмни, а потоа во самата завршница стигна и до победа од 4:3, со што го елиминираше Реал и обезбеди полуфинале против ПСЖ.

Камавинга влезе во игра во 62. минута како дел од обидот на Алваро Арбелоа да ја стабилизира екипата, но наместо тоа стана еден од главните виновници за пресвртот. Првиот жолт картон го доби во 76. минута, а десет минути подоцна и вториот, оставајќи го тимот со играч помалку во клучниот момент.

По натпреварот жестоко реагираше Весли Снајдер, кој не штедеше зборови.

Камавинга е глуп. Играчите требаше веднаш по последниот судиски свиреж да отидат во соблекувална и таму да му го покажат својот бес.

Неговата изјава предизвика големо внимание, особено затоа што дојде веднаш по натпревар во кој Реал имаше сѐ во свои раце, а потоа за неколку минути остана со празни раце.

До исклучувањето, Реал го контролираше резултатот, но со играч помалку тимот не издржа под притисокот. Баерн тоа веднаш го искористи, израмни на 3:3, а потоа преку Мајкл Олисе стигна до победа во последните моменти.

За Реал ова е тежок крај на европската сезона, а Камавинга ќе мора долго да се справува со последиците од потегот кој ја одлучи вечерта. Во Мадрид ваквите порази не се забораваат лесно.