Фудбал

ГВАРДИОЛА НОВ СЕЛЕКТОР НА ИТАЛИЈА?

Италијанската репрезентација би можела да добие неочекуван и сензационален пресврт, Пеп Гвардиола се споменува како потенцијален селектор на аѕурите.

По неуспехот да се обезбеди пласман на Светското првенство, се очекува заминување на Џенаро Гатузо, а оставки веќе поднесоа и претседателот на федерацијата Габриеле Гравина и легендарниот Џиџи Буфон. Во ваква ситуација, Италија бара нов почеток.

На листата на кандидати се наоѓаат звучни имиња како Масимилијано Алегри, Роберто Манчини и Антонио Конте, но италијанските медиуми пласираа и една многу поамбициозна идеја, а тоа е доведување на Гвардиола на селекторското место.

Шпанецот, кој е на клупата на Манчестер Сити од 2016 година, наводно би можел да го напушти клубот на крајот од сезоната, што ја отвора можноста за нов предизвик.

Иако неговиот стил често се смета за спротивен на традиционалниот „калчо“ стил на игра, Гвардиола не е странец во Италија. Во играчката кариера настапуваше за Бреша и Рома, зборува италијански и често престојува во земјата. Дополнително, тој јавно покажува почит кон италијанската школа и тренери како Џан Пјеро Гасперини, Симоне Инзаги и Маурицио Сари.

Историски гледано, Италија ретко ангажира странски селектор, последниот беше славниот Хеленио Ерера во 60-тите години и тоа на краток период.

Но фудбалот се менува, односно штом Карло Анчелоти може да ја напушти Европа и да го преземе Бразил, тогаш зошто Гвардиола да не ја води Италија?