ЛЕЈКЕРС СЕ ИЗБРУКАА ЗА СИТЕ ПАРИ, А ИМ СЕ ПОВРЕДИ И ДОНЧИЌ
Објавено на: 03.04.2026
Она што требаше да биде спектакл и директен судир на кандидати за МВП, се претвори во кошмар за Лос Анџелес Лејкерс и особено за Лука Дончиќ.
Оклахома Сити Тандер испрати јасна порака со убедлива победа од 139:96, разлика од дури 43 поени и резултат што целосно ја засени најавуваната неизвесност. Но, најголемиот удар за Лејкерс не беше само резултатот туку фактот дека Дончиќ се повреди.
Словенечката ѕвезда првпат почувствува проблем со задната ложа пред крајот на првото полувреме, а болката повторно се појави во третата четвртина. Во еден момент легна покрај теренот, со рацете преку лицето, додека болката беше очигледна. По кратка пауза, со мака се упати кон соблекувалната.
Injury News: #Lakers Super Star PG Luka Doncic went down with a hamstring injury.
Looks nasty. This has been ruled a strain and possibly miss up to 4 weeks and could be reevaluated. #NBA pic.twitter.com/mVDANO8D5b
— FirstDownMedia (@FirstDownMediaa) April 3, 2026
До тој момент, натпреварот веќе беше тргнат во погрешен правец.
Дончиќ заврши со скромен учинок од 12 поени (3/10 шут, 1/7 за три), 4 скока, 7 асистенции и дури 6 изгубени топки, додека Лејкерс беа во минус од 25 поени додека тој беше на паркетот.
На другата страна, Шеј Гилџус-Александер доминираше. Во првите три четвртини запиша 28 поени, 7 скока и 7 асистенции со само една загубена топка, перформанс што дополнително ја зацврсти неговата позиција во МВП трката.
Овој натпревар требаше да биде аргумент за гласачите. Наместо тоа стана демонстрација и сигнал за тревога за Лејкерс.
По фантастичниот март (15 победи и само 2 порази), почетокот на април донесе сурово приземјување. Тимот изгледаше немоќно, без одговор на играта на актуелните шампиони. Ниту Леброн Џејмс (13 поени), ниту остатокот од тимот не успеаја да внесат енергија бидејќи никој не постигна повеќе од 15 поени.
Ова е еден од најтешките порази во историјата на франшизата, а уште поголема грижа е повредата на Дончиќ.